top of page
cca_edited.jpg
Marble Surface

Д-р. Бошко Бабиќ
(1924-1998)


Основач


(Претседател на ЦСЛУ-Прилеп 1957-1998)

Роден на 19.02.1924 година, своето образование го почнува во Хрватска, а го продолжува во Србија, во Белград, во Ѓраѓанското средно училиште и Трговската академија од која, во 1943 година е исклучен поради неговото делување против окупаторот. Заминува во партизани и пред крајот на војната е тешко повреден, кога и му е забранета секаква понатамошна интелектуална работа. Но неговиот немирен дух не застанува тука и после војната тој се запишува на Филозофскиот факултет во Белград и дипломира на катедрата за Историја на уметност. По бурните воени години, животниот пат го носи во Прилеп. Кратко после неговото пристигнување, кон крајот на 1954 година тој го основа Народниот музеј во Прилеп чиј директор е се до 1980 година. Организатор на голем број културни манифестации, како и основач на поголемиот број културни институции во Прилеп, меѓу кои и ЈНУ Институт за старословенска култура. Виновник е и за создавањето на повеќе музејски збирки на етнолошки и археолошки старини, колекцијата на икони, како и една од најзначајните збирката на предмети за уживање на тутун.

 

Во периодот на неговото делување секогаш успева да го задржи местото помеѓу првите во светот на културата и науката во Прилеп и Македонија, а не е скромно да се каже и помеѓу светската културна јавност. Во 1970 година иницира формирање на Археолошкото друштво на Македонија и е негов прв претседател, во 1972 година е избран за прв претседател на Сојузот на археолозите на Југославија, а веќе во 1975 година во Киев е избран за претседател на Меѓународната унија за словенска археологија. Во 1980 година докторира на универзитетот „Марија Кири Склодовска“ во градот Лублин во Полска. Ги покренува и уредува стручните списанија „Balcanoslavica“ и „Macedoniae Acta Achaeologica“, а во долгогодишната научно-истражувачка дејност зад себе остава голем број стручни трудови и е добитник на голем број домашни и меѓународни награди, признанија и ордени. Неговото активно учество во културниот живот во Македонија и многу пошироко, надвор од границите на неговото стручно делување, можеме да го видиме и преку неговото активно учество во работата на списанието за култура „Стремеж“, како долгогодишен член на редакцијата и во еден период како негов главен уредник. Бошко Бабиќ е и прв претседател на театарските игри „Војдан Чернодрински“. Автор е на повеќе филмски и телевизиски сценарија, елаборати и проекти. Во рамки на меѓународниот проект „Енциклопедија на раната историја на Европа“ тој е координатор за Југославија.

 

Во 1957 година ја основа „Интернационалната сликарска колонија“ и со тоа го отпочнува нашето долго патување во светот на уметноста и го втемелува нашето денешно постоење. Не застанува тука и во 1963 година го формира и првиот „Интернационален скулпторски симпозиум - Мермер“, а во 1971 година и „Интернационалното студио за пластика во дрво“. Како одличен познавач на современата уметност, неуморен борец и со големи заложби во 1980 година успева да го оснива Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, во чии рамки продолжуваат да делуваат трите погоре наведени интернационални ликовни работилници. Во состав на Центарот, на негова иницијатива се формираат и „Интернационалното атеље за витраж“, „Интернационалната работилница за керамика“ како и „Интернационалното атеље за уметничка фотографија“. Неговата визија, упорност, посветеност и знаење се основата на која ние и денеска сигурно стоиме. Титулата со која замина од овој свет на 20.09.1998 година е Доживотен Почесен Претседател на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп – титула која можеше само Д-р. Бошко Бабиќ да ја носи.

bottom of page